Локалните власти имаат значајна улога во процесот на интегрирање во Европската Унија и преку имплементација на проекти финансирани од ИПА2 Програмата на ЕУ за прекугранична соработка, вредна 100 милиони евра.

Франко Јакоп, известувач за Комитетот за проширување на ЕУ: Граѓаните да ги препознаат можностите за развој и да дадат поддршка на евроатланските вредности, да продолжат реформите и процесот на децентрализација, економскиот раст и гаранции за подобар живот.  

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, денеска во Скопје го отвори 15-сетиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет на Република Македонија и Европската Унија, во рамките на Комитетот на региони на ЕУ.

Во своето обраќање министерот Фазлиу истакна дека овој состанок се одржува во исклучително важен момент за Република Македонија, во кој Владата е максимално посветена на процесот на интегрирање и членство на земјата во Европската Унија и во НАТО.

-Верувам дека референдумот ќе биде демократски чин на јасно изразување на вољата на граѓаните, кој ќе потврди дека нашата перспектива ја гледаме во Европската Унија и во НАТО, преку поддржување и градење на заеднички вредности и политики.

Министерот Фазлиу ја истакна улогата на локалните власти во Република Македонија во процесот на интегрирање во Европската Унија.

-Локалните власти имаат значајна улога во процесот на интегрирање во Европската Унија, пред се преку имплементацијата на проекти за прекугранична соработка, за што од страна на Европската Унија за вториот ИПА Програмски период се обезбедени околу 100 милиони евра. Улогата на локалните власти е особено значајна и преку директното учество во имплементирање на околу 70 насто од националното законодавство, како и имплементацијата на локалните политики кои што се усогласени со националните и со стратешките приоритети на Европската Унија.

Известувачот за Комитетот за проширување на ЕУ, Франко Јакоп, истакана дека Комитетот на региони на Европската Унија дава максимален придонес за подготовка на земјата за отпочнување на преговорите со Унијата.

-Граѓаните да ги препознаат можностите за развој и да дадат поддршка на евроатланските вредности, да продолжат реформите и процесот на децентрализација, економскиот раст и гаранции за подобар живот, рече Јакоп. Тој најави дека во наредниот период Европската Унија ќе ги отвори програмите ТВИНИНГ и ТАИЕКС и ќе обезбеди финансиска поддршка за зајакнување на капацитетите на локалната администрација за подобро управување и подготовка на проекти за наредниот, ИПА3 програмски период.

На отворањето говореа и копретседавачите со Комитетот, градоначалникот на Штип Благој Бочварски и градоначалничката на словенечката општина Трбовље, Јасна Габрич, како и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Петре Шилигов, со посебен осврт на фискалната децентрализација.

Заедничкиот консултативен комитет е тело на локалните власти на Република Македонија и на Европската Унија кое што работи во рамки на Комитетот на регионите на Европската Унија.

Во Заедничкиот консултативен комитет членуваат вкупно 22 претставници на локалните власти од кои 11 градоначалници и членови на општински совети се од Република Македонија.