Заменикот министер Павлески во Штип: Приоритет на Владата и на Министерството за локална самоуправа е подобрувањето на јавните услуги, благодарност до јапонската Влада за континуираната поддршка

Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески денеска во Штип имаше средба со градоначалникот Благој Бочварски и со амбасадорката на Јапонија во Република Македонија, Кеико Ханеда.

Во присуство на вработените од регионалниот Клинички центар во Штип, амбасадорката Ханеда на директорот на клиничкиот центар му ги предаде двете медицински возила, обезбедени во рамките на проектот „Подобрување на здравствената средина на Клиничка болница Штип преку обезбедување амбулантни возила“, преку кој се обезбедени возила за транспорт на пациенти во износ од 40.262 евра.

„Односите со општина Штип отсекогаш биле одлични и се согласивме да продолжиме да го негуваме нашето пријателство. Ова не е прва соработка меѓу јапонската Влада и општина Штип. Од 2000 година Јапонија има поддржано здравствени и образовни институции во Штип со повеќе од 192.000 евра и повеќе од половина милион евра за целиот источен регион. Патем, забележувате дека на возилата има едно слатко маче, тоа е новата маскота на оваа јапонска програма по повод одбележување на јубилејот 30 години од доделувањето грантови во земјава. Се надевам дека преку овие проекти за соработка и многу други нашето пријателство ќе продолжи да јакне и во иднина,“ истакна амбасадорката Ханеда.

„Голема благодарност да јапонската Влада и до Амбасадата на Јапонија во Република Македонија за континуираната помош којашто ја дава на граѓаните на Република Македонија. Министерството за локална самоуправа и Владата на Република Македонија за свој приоритет имаат да ги подобрат услугите и да обезбедат воедначен пристап за сите граѓани на територија на Република Македонија, а воедно со тоа да се подобри квалитетот на живеење за сите граѓани. Ваквите проекти коишто се поддржани од јапонската Влада во континуитет се токму во таа насока. Сакам да им оддадам признание на општина Штип и Центарот за развој на Источниот плански регион што успеваат да ги препознаат намерите на јапонската Влада да помогнат и аплицираат со соодветни проекти. Тоа е начинот на којшто треба и другите општини и планските региони да ги препознаат подадените раце од нашите пријатели – донатори и заеднички да направиме што е можно повеќе за нашите граѓани,“ рече заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлевски.

„Денеска е убав ден за граѓаните на општина Штип. Имав многу корисна средба со амбасадорката на Јапонија во Република Македонија, на којашто ѝ ја изразив својата благодарност во име на сите граѓани на општина Штип за овој грант којшто го доделува на Клиничка болница . Оваа донација е од исклучително значење. На Клиничка болница Штип насушно ѝ е потребна поддршка, а се гради и новиот клинички центар. Опремата е секогаш потребна за граѓаните. Јас верувам дека со овие возила, нашите служби и доктори овде ќе успеат да спасат многу човечки животи, рече градоначалникот Благој Бочварски.

Амбасадорката Ханеда истакна дека ги препознава и ги цени напорите и успесите на градоначалникот Бочварски за развој на општина Штип не само како регионален центар, туку и како општина што покажува сериозно водство во процесите на евроинтеграција, демократија и отвореност. Амбасадорката Ханеда истакна дека пријателството меѓу Јапонија и Македонија ќе продолжи, со продолжување на конкретна соработка во интерес на сите граѓани.