Печати

Соработката меѓу Република Македонија и Република Бугарија се остварува на сите нивоа во рамките на имплементацијата на ИПА Програмата за прекугранична соработка

На покана на градоначалникот на општина Куманово, заменикот министер Дејан Павлески, учествуваше на средбата на  30-сетина градоначалници од Североисточниот, Источниот и Југоисточниот плански регион во Република Македонија и од Благоевградскиот и Ќустендилскиот регион во Република Бугарија, што денеска се одржа во Куманово.

Градоначалниците на општините од пограничните региони остваруваат соработка во имплементацијата на ИПА Програмата за прекугранична соработка и се заинтересирани за заеднички настап во искористувањето на европските фондови за реализација на поголеми проекти.

Заменикот министер Павлески истакна дека благодарение на соработката и размената на искуства и знаење меѓу надлежните министерства, администрацијата, општините и граѓанскиот сектор, Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија е најуспешна, со имплементација од над 95 насто од расположливите средства.  

- Согласно принципите на Европската Унија за добрососедство и територијална соработка, општините од прекуграничните региони, во рамките на националното законодавство, треба да ги земат предвид сите можности за  максимално искористување на средствата од предпристапните и кохезионите фондови на Унијата и да го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните од двете страни на границата, која што наместо да раздвојува, треба да ги поврзува луѓето од регионот, рече заменикот министер Павлески.  

Павлески истакна дека дополнителен поттик е потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и добрососедство, меѓу владите на Република Македонија и Република Бугарија кој што предвидува продлабочување на билатералната соработка и преку одржување контакти и остварување на средби меѓу претставници на органите на државната власт на различни нивоа за развој на пријателските односи и соработката, како и помагање за одржување на контактите меѓу локалните власти и граѓаните на двете земји.