Печати

Со учество на претставници од сите надлежни министерства и институции, на ЗЕЛС, од граѓанскиот и бизнис секторот, Министерството за локална самоуправа отвори широк консултативен процес на Нацрт измените и дополнувањата на Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација.

Настанот го отворија министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и претставникот на УНДП Харолд Шенкер.

Министерот Фазлиу истакна дека станува збор за исклучително важен програмски документ во чија што подготовка треба свој придонес да дадат сите засегнати страни.

-Министерството пристапи кон измени и дополнување на Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација пред се поради усогласување со стратешките документи на надлежните министерства, како и заради усогласување со приоритетите во Програмата на Владата. Владата на Република Македонија акцентот го става на создавање на услови за функционални општини, одговорни пред граѓаните во вршењето на своите надлежности. Согласно принципот на субсидијарност, децентрализацијата на власта ќе продолжи во областите во кои што тоа ќе значи полесен, поефикасен и поекономичен пристап до услугата и ќе го поттикне развојот на општините. Подобрување на системот на финансирање, транспарентна и предвидлива распределба на наменските дотации и капиталните грантови, транспарентно, отчетно и одговорно работење и реализација на приоритетите во консултација со граѓаните, рече министерот Фазлиу.

Министерството за локална самоуправа, со поддршка на УНДП, паралелно пристпи и кон подготовка на Акциски план за спроведување на Програмата.

Консултативниот процес во фазата на подготовка на двата документи ќе продолжи со организирање на уште две форумски сесии на кои што сите учесници ќе имаат можност да го дадат својот придонес.