Вкупно шест милиони евра идната година ќе бидат наменети за финансирање на проекти за рамномерен регионален развој во осумте плански региони, рече заменикот министер на за локална самоуправа Дејан Павлески на конститутивната седница на Скопскиот плански регион.

-Седумнаесетте општини во овој регион ќе имаат можност да реализираат и проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби. Со поддршка на Министерството за локална самоуправа ќе се подобрува локалната инфраструктура и квалитетот на живеење на граѓаните, рече Павлески.

Новоизбраниот претседател на Советот за развој на Скопскиот плански регион Георгиевски посочи дека негова цел ќе биде вистинскиот рамномерен развој на регионот со акцент на руралните подрачја.

– Ќе работиме отворено и транспарентно со крајна цел подобрување на условите на граѓаните во сите општини. Идната соработка на општините од СПР ја гледам во изготвување на развојна стратегија и програма за развој на регионот, акционен план за имплементација, како и стручна и техничка помош на локалните самоуправи и поттикнување на меѓуопштинската соработка, рече Георгиевски.