Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и државниот секретар Кирил Парталов, присуствуваа на одбележувањето на Европскиот ден на соработка, организиран во рамките на ИНТЕРРЕГ Програмата за прекугранична соработка, во Петрич, Република Бугарија.

На манифестацијата присуствуваат и градоначалниците на Петрич и на Струмица, општини кои што во рамките на Програмата за прекугранична соработка имаат реализирано повеќе заеднички проекти финансирани од ИПА инструментот на Европската Унија.

Во рамките на манифестацијата, министерот Фазлиу оствари средба со заменик министерката за регионален развој и јавни работи, Деница Николова.

Министерот Фазлиу во своето обраќање истакна дека соработката меѓу двете држави во рамките на регионалната соработка на земјите од Југоисточна Европа е можност за размена на искуства, за взаемна поддршка, како и за унапредување на развојот преку ИПА инструментот на Европската Унија.

-Во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, што го потпишаа Владите на двете земји, се надевам дека соработката на билатерално ниво ќе се продлабочи и меѓу Министерствата, како и меѓу локалните власти и граѓаните од двете земји. Во духот на европските вредности, соседите треба да соработуваат и да се почитуваат заради поттикнување на развојот во регионот и просперитетот на своите граѓани. Искрено се надевам дека и нашата соработка ќе продолжи, рече министерот Фазлиу, кој иницираше продлабочување на билатералната соработка и во други области од надлежност на двете министерства, во духот на поддршката на Република Македонија во евроинтеграциските процеси.

Министерот Фазлиу и државниот секретар Парталов имаа прилика да се запознаат и со динамиката на реконструкција на патната мрежа и на делницата која што води до еден од граничните премини со Република Македонија.