Интегриран систем кој ќе даде одговор на реалните потреби на планските региони со следење и анализа на средствата и нивно правилно насочување, резимираше заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески на трибината на тема Рамномерниот регионален и локален развој –потреба за секоја функционална демократија, организирана од Фондацијата Фридрих Еберт.

Заменикот министер Павлески се заложи за системско решавање на пројавените слабости, зајакнување на капацитетите на надлежните институции и реално определување на приоритетите на планските региони.

На трибината говореше заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски парашања, Кочо Анѓушев кој нагласи дека сеуште не е јасна сликата колку средства се насочуваат кон планските региони и затоа се работи на развивање на транспарентен механизам кој ќе помогне да се следи колку средства се наменети за планските региони, по области и каде треба да се интервенира за да се обезбеди рамномерен развој. Неможе со сила да се принудат луѓето да не се населуваат во Скопје, треба да им се создадат услови за живеење таму каде што се, рече Анѓушев според кој само 18% од територијата на државата е покриена со канализациона мрежа, а во Скопје има споменици од милиони евра, што упатува на ограмни развојни разлики.

На трибината говореа и Јане Вртески, експерт за локален и регионален развој и Франк Хантке, директор на ФЕС за Македонија и Косово.