На покана на претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, на денешната, единаесета седница на  Управниот одбор на ЗЕЛС присуствуваше и новиот министер за локална самоуправа на Република Северна Македонија, Горан Милевски. На состанокот,  министерот Милевски беше запознаен со генералните ставови на локалните власти, во насока на преземањето на следните активности  за продолжување на децентрализацијата во земјата и нивно заокружување до 1 јануари, 2020 година. Всушност, овој заклучок произлезе на неодамнешната средба што Управниот одбор на ЗЕЛС ја имаше со премиерот, Зоран Заев и членовите од неговиот Кабинет на која тој изнесе целосна подготвеност за обезбедување на поголема финансиска стабилност на единиците на локалната власт и фазно пренесување на надлежности од централно на локално ниво, во областите каде ќе биде оценето дека е тоа можно и потребно.

Министерот Милевски, изрази задоволство од подготвеноста на Управниот одбор на ЗЕЛС за соработка и партнерство во целиот процес. Тој информираше дека во разговорите со премиерот при преземањето на функцијата министер за локална самоуправа ги потврдиле ставовите дека процесот на децентрализација треба да продолжи во областите во кои што веќе има создадено услови, за да се обезбеди поголема финанска оддржливост и функционалност на општините  – „ Од мое лично искуство, како поранешен  член на општински Совет, сметам дека навистина има простор за сериозни промени во финансирањето, како и во организирањето на локалната самоуправа.  Со оглед дека постои расположение одредени надлежности да се пренесат уште од 1 јануари, 2020 година, следниот период ни претстои интензивна работа, која бара поголема оперативност и ефикасност од сите нас“ –рече министерот Милевски, кој при тоа изнесе и одредени предлози каде може да се дејствува за подобрување на сегашните повеќегодишно стагнирани состојби во локалната власт .

-„ Задоволни сме што централната власт покажа доблест за започнување на промени во  децентрализацијата во земјата и овозможување  таа дефинитивно да продолжи да се движи во  потребната насока. Свесни сме дека ни претстои сериозен и обемен процес, кој бара брзи и динамични активности кои подразбираат бројни законски измени, не само на системските закони како што се Законот за локална самоуправа и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, туку и во други закони поврзани со промените кои ги предвидуваме. Ние сме апсолутно  подготвени, ја имаме визијата која му ја предочивме и на Премиерот на државата и сакаме да направиме крупни чекори кои ќе и овозможат на локалната власт да стане финансиски стабилна, да има поголеми надлежности и одговорности, а со тоа да им обезбеди поквалитетни услуги и услови за живот на своите граѓани.“ Ова на средбата го истакна претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов кој на почетокот на разговорот на  министерот,Милевски му поска успешна работа и одлична соработка со ЗЕЛС. Шилегов посочи дека поставувањето на контурите на овој процес најдобро е на почетокот да биде во рацете на локалните власти и во соработка со Министерството за локална самоуправа, а потоа да биде презентиран пред Премиерот и соодветните министерства.

Промените кои треба да бидат опфатени во овој процес на продолжување на децентрализацијата на власта, а кои беа посочени на седницата на Управниот одбор на ЗЕЛС начелно ќе се движат во три насоки. Првиот и клучниот се однесува на обезбедувањето на поголема финансиска независност на локалната власт. Јасно беше порачано дека општините нема да прифатат нови надлежности доколку првенствено не се обезбеди стабилизирање на  финансиското работење на локалната власт и нејзините институции и дека нема да бидат прифатени нови надлежности без обезбедување на адекватни финансиски средства за нивна реализација. Вториот пакет ќе биде насочен кон утврдување на можностите за преземање на нови надлежности и нивно попрецизно дефинирање и третиот пакет би се однесувал на организациската поставеност на работењето на локалната власт. На седницата беа изнесени низа предлози и решенија во насока на обезбедување на пофункционални промени во локалната власт.