Во организација на Министерството за локална самоуправа и Југозападниот плански регион денеска во Струга се одржа Конференција за предизвиците во рамномерниот регионален развој на која што учествуваа домашни и странски експерти.

Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески истакна дека постигнувањето на целите за рамномерен регионален развој подразбира обезбедување на континуирана финансиска поддршка од надлежните државни институции, и успешна координација помеѓу министерствата, донаторите и засегнатите страни на регионално и на локално ниво.

- Со финансиска поддршка од Програмата за рамномерен регионален развој, во моментов во осумте плански региони се реализираат 43 проекти, од кои 38 инфраструктурни и 5 за подготовка на техничка документација. Минатата недела Советот за рамномерен регионален развој ги одобри за усвојување и проектите за развој на селата и на подрачјата за специфични развојни потреби. Станува збор за нови 74 проекти во вкупна вредност од 124 милиони денари, рече Павлески.

На конференцијата говореа и претседателот на Советот за развој на Југозападниот плански регион, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, раководителката на Центарот за развој, Мирјана Лозаноска, градоначалници од регионот, претставници на институции кои што имаат влијание на развојот, како и експерти од земјата и од странство.

Целта на Конференција е да се разменат добрите практики во областа на рамномерниот регионален развој и да се поттикне соработка и вмрежување на клучните чинители од регионот кои имаат влијание на регионалниот развој.               

Со поддршка на швајцарската Влада, во рамките на проектот Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, Министерството за локална самоуправа организира форуми за рамномерен регионален развој во сите осум плански региони.