Трајковски не научи дека наместо за разлики, треба да зборуваме за сличности, да учиме едни од други, да научиме повеќе за нас, за другиот до нас

Делегација на Владата на Република Северна Македонија, во чиј состав се министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и заменик министерот за култура Владимир Лазовски, отпатуваа во Ротмиље, Босна и Херцеговина на одбележувањето на 15-годишнината од смртта на Претседателот Борис Трајковски.

По тој повод министерот Фазлиу имаше свое обраќање кое ви го пренесуваме во целост.

„Цели 15 години доаѓаме овде на локацијата во Ротмиље, Босна и Херцеговина како претставници на граѓаните на Република Северна Македонија да оддадеме почит на почитуваниот претседател Борис Трајковски.

Во трагичниот настан покрај претседателот Трајковски на тој 25 февруари, 2004 година – Македонија загуби и 8-мина наши сограѓани на кои им оддаваме денеска исто почит:

- Марко Марковски

- Бранко Ивановски

- Борис Велинов

- Ристо Блажевски

- Димка Илкова Бошковиќ

- Миле Крстевски

- Анита Кришан Лозаноска

- Аце Божиновски

Почивајте во мир и вечна ви слава.

Претседателе Трајковски, твојата и нашата Република Северна Македонија веќе е дел од НАТО Алијансата.

Горд сум што заедно со мојата генерација успеавме да го оствариме и твојот идеал за стабилна безбедна и просперитетна земја која се грижи за своите граѓани подеднакво без разлика со кои букви завршува нивното презиме – на ски, Рамадани, Ѓорѓевиќ, Асимов или било кое друго.

Денеска сме тука да оддадеме почит на една голема личност во македонската историја.

Борис Трајковски како претседател на државата постави нови обележја за тоа како треба да поставува шеф на една држава.

Скромен, искрен и често емотивен беше неговиот настап кога станува збор за интересите на државата.

За него се знаеше дека е човек од народот и човек за народот.

Од денешна перспектива треба да му бидеме благодарни за многу работи.

Тој знаеше како да ги стави државничките интереси пред своите, пред тесно партиските интереси.

За него Република Северна Македонија беше пред се и над се.

Знаеше како да балансира меѓу политиките, внатрешни недоразбирања, надворешни фактори.

Токму неговата дипломатска политика, неговата искрена намера доведе до потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Тоа е голем чекор што покажа искрен државнички потег, одлука зад која застана.

Исто како што денеска зад својата одлука застана Владата на Република Северна Македонија со историскиот договор со Република Грција за решавање на спорот со името.

Големи чекори, големи државнички одлуки, но пред се за интересот на граѓаните, за интересот на нивната иднина.

Благодарение на твојата храброст и визионерство во моментите на најголемата безбедносна криза за нашата земја, кога покажа прозападни и демократски вредности дотогаш невидени за балканските политичари, успеа да ги надминеш националните бариери и да бидеш носител на мирот преку затварање на воениот конфликт со Охридскиот рамковен договор.

Твоето лидерство преточено во Рамковниот договор ги утврди темелите на тоа што денеска мојата влада во која јас сум министер го нарекуваме Едно општество за сите.

Убеден сум претседателе дека токму ТИ би бил горд на позицијата која ја има твојата македонска држава во регионов, во Европа и во светот.

Во регионот го продолживме тоа што ти го започна: градиме мостови, отвораме граници, со Европската Унија наскоро ги започнуваме преговорите за полноправно членство.

Твоето лично пријателство со тогашниот Претседател на Соединетите Американски Држави, Џорџ Буш Јуниор – го зајакнавме со целата администрација во Вашингтон, а минатата недела премиерот Зоран Заев го доби и лично писмото на поддршка за владините политики од актуелниот Претседател на САД, Доналд Трамп.

Би сакал да додадам дека неговиот начин на водење на политика, успешното менаџирање со меѓународниот фактор спречи голем судир во државата.

Знаеше дека секоја голема одлука значи губење на политички поени, но дека на крај на денот важно е каква иднина создаваме за нашите деца.

Концептот на мултиетничко општество е концепт кој мора да функционира во ера на глобализацијата каде границите полека исчезнуваат, а народите се зближуваат.

Трајковски не научи дека наместо за разлики, треба да зборуваме за сличности, да учиме едни од други, да научиме повеќе за нас, за другиот до нас.

Во духот на твојата визија да создаваме општество на еднакви граѓани, а не на доминантни етнички заедници, го остваривме како цивилизациско право правото на сите граѓаните да го употребуваат и да комуницираат на својот мајчин јазик.

Иако сум етнички Албанец, денеска со гордост можам да кажам дека Македонскиот јазик е подеднакво и МОЈ. Националниот идентитет на моите сограѓани етнички Македонци исто така повеќе не е оспоруван.

Ние помладите генерации имаме многу да учиме од вакви големи политичари.

Како да ги ставиме интересите на големото добро за државата, пред какви било политички игри, пред какви било сомнежи дека нешто нема да биде како што треба, бидејќи кога ќе го изберете вистинскиот пат, се е како што треба.

Трајковски не научи како да веруваме дека се е возможно, како да веруваме дека со искрена намера се постига многу, како да успееме во своите намери.

На нас сега останува да го исполниме нашето ветување, да бидеме подобра верзија за доброто на државата.

15 години изминаа од тој ден кога го изгубивме нашиот претседател, но тие 15 години оставија голем белег во македонската историја и што е поважно оставија белег на голем човек на кого сите му се восхитуваме и од чии постапки сите учиме.

Му благодариме за се што направи за нашата држава.

Претседателот Трајковски загина на ова место во територијата на државата на Република Босна и Херцеговина, затоа дополнително ја користам оваа прилика во име на граѓаните на Република Северна Македонија да го поздравам раководството и граѓаните на Босна и Херцеговина и да им посакувам зближување еден со друг и заеднички јазик за решавање на недоразбирањата како што најдовме ние во Северна Македонија, да гледаме напред и да не се враќаме во минатото. Дојде времето во Балканот сите народи здружени да им кажат доста на поделбите по етничка, верска и секаква различност. За мирот во светот се борат сите оние кои се богати во душата и веруваат во Бога и светла иднина на човештвото, додека противниците на мирот секогаш ќе одат позади борците за мир како црна сенка за да ги попречуваат процесите, но сенката секогаш ќе остане само сенка.“