Во Извештајот на ЕК е нотиран напредокот поврзан со финансиската поддршка од страна на Владата за подобрување на локалните услуги со зголемување на буџетските трансфери за општините за оваа година за  6,4%, како и зголемените средства за рамномерен регионален развој. Продолжува процесот на децентрализација, со цел создавање на услови за поактивна, поефективна и поиновативна улога на локалните власти во остварувањето на националните цели за раст и развој.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, денеска во Брисел се обрати на 14-тиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија.

Министерот Фазлиу упати благодарност до Европската Комисија за  силната поддршка во спроведувањето на реформите за интеграција на Република Македонија во Европската Унија, како и за препораката до Советот на Европската Унија да донесе одлука за почнување пристапни преговори со Република Македонија.

-Чистата препораката на Комисијата за нас претставува признание за спроведените реформи и за подготвеноста да ги започнеме пристапните преговори.

Министерот Фазлиу истакна дека Владата на Република Македонија и понатаму ќе се фокусира на продолжување на реформскиот процес, а сите забелешки од Извештајот ќе бидат водилка за работа и за успех.

- Децентрализацијата на власта е приоритет на Владата на Република Македонија. Во Извештајот на Европската Комисија е нотиран напредок поврзан со испораката на јавни локални услуги што се финансираат со блок дотации , вклучувајќи го зголемувањето на буџетските трансфери за општините за оваа година за 6,4%, како и  зголемените средства за поттикнување на рамномерен регионален развој.

Фазлиу истакна дека основниот плански документ на Владата на Република Македонија за натамошен развој на локалната самоуправа, Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација се ревидира, согласно приоритетите на Владата, а паралелно се финализираат и активностите за изработка на нов Акциски план за периодот 2018-2020, преку меѓуресорска консултација и во соработка со ЗЕЛС.

- Следните предизвици кои што произлегуваат од програмските определби на Владата  се децентрализацијата во областите во кои што граѓаните и бизнис заедницата ќе можат да добијат поквалитетни и поефикасни услуги на локално ниво, како и зајакнување на капацитетите и подобрување на финансиската стабилност на општините, рече министерот Фазлиу.

Зборувајќи за финансиската поддршка на Европската Унија преку ИПА инструментот за прекугранична и територијална соработка, министерот Фазлиу истакна дека во моментот се спроведуваат 144 проекти кои во перспектива обезбедуваат подобри меѓусоседски и регионални односи, ја унапредуваат соработката во сферата на бизнисот и размената во областа на културата и животната средина.

Членот на Европскиот парламент Иво Вајгл истакна дека ова е добар период за земјите од Југоисточна Европа затоа што сите индикатори се исполнети дури и за забрзување со проширувањето.

-Проширувањето на ЕУ со сите земји од европскиот континент е светлото што не води и отвара можности и за земјите и за самата Европска Унија, рече Вајгл.

На состанокот говореа и двајцата копретседавачи, од Република Македонија, градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски, а од Европската Унија, градоначалничката на словенечката општина Трбовље, Јасна Габриќ.

- Можеме да бидеме оптимисти затоа што процесот на проширување добива нов поттик. Напредокот на вашата земја не остана незабележан, а вратите на Европска Унија остануваат отворени, рече Габриќ.

Копретседавачот на Комитетот, градоначалникот на општина Штип Бочварски, истакна дека сега е вистинскиот момент да продолжат започнатите реформи и на централно и на локално ниво.

- Соочени сме со значајни предизвици како што е децентрализацијата и соодветното финансирање на општините, , искористувањето на европските фондови и развивањето на локалната демократија, рече Бочварски.

Во составот на македонската делегација се претставници на единаесет општини, членови на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија.

Во текот на утрешниот ден членовите на Заедничкиот консултативен комитет ќе учествуваат на тематската пленарна седница “Денот на проширување”, на која е најавено обраќање на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, како и на претседателот на Европскиот комитет на региони, Карл-Хејнз Ламберц.