Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на Конференцијата “Зајакнување на општинските совети-Нов почеток на локалната демократија“, во Струга: “Преку членовите на советите се обезбедува уставно загарантираното право за посредно одлучување на граѓаните, преку нивните избрани претставници“.                                            

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, заедно со постојаната претставничка на УНДП Луиза Винтон и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада, во Струга, во присуство на претседателите на советите на сите општини ја отворија Конференцијата “Зајакнување на општинските совети-Нов почеток на локалната демократија“.

На оваа прва формална средба на министерот за локална самоуправа со претседателите на општинските совети, по одржувањето на локалните избори, министерот Фазлиу истакна дека минатата недела со градоначалниците, а денеска со претседателите на советите, централната и локалните власти градат мост на соработка во интерес на зајакнување на локалната самоуправа, на локалната демократија и во интерес на граѓаните.

- Ако градоначалникот ја претставува општината, членовите на советите ги претставуваат граѓаните. Преку членовите на советите се обезбедува уставно загарантираното право за посредно одлучување на граѓаните, преку нивните избрани претставници. Во исто време членовите на советите се тие кои што треба да обезбедат услови за остварување и на уставно загарантираното право за директно учество на граѓаните во донесувањето на одлуки на локално ниво, рече министерот Фазлиу.

Фазлиу нагласи дека проектот за зајакнување на капацитетите на општинските совети, поддржан од швајцарската влада доаѓа во вистинско време, на почетокот на мандатот.

-За разлика од градоначалникот кој што професионално ја врши својата функција, членовите на советите имаат своја основна професија, функцијата ја извршуваат дополнително. Но, тоа не значи дека одговорноста на членовите на советите пред граѓаните е помала. Напротив, најголемата одговорност пред граѓаните ја имаат токму членовите на советите, затоа што вашите два прста одлучуваат за донесувањето на буџетот но и за трошење на јавните пари, за деталните урбанистички планови, за цените на услугите, за работењето на јавните претпријатија во општината, на градинките и на училиштата, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Фазлиу на претседателите на советите им посака успешна работа во нивниот мандат и соработка со Министерството.