Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, денеска говореше на отворањето на Конференцијата “Политиките за рамномерен регионален развој”, организирана од Алијанса за регионален развој.

Министерот Фазлиу истакна дека политиката на рамномерен регионален развој е приоритет на оваа Влада, а тоа е нотирано и во Програмата на Владата.

- Врз основа на поставените национални приоритети и најдобри европски пракси, нашата цел е да обезбедиме ефективна и транспарентна распределба на законските еден насто од бруто домашниот производ за реални проекти, кои што ќе имаат реално влијание на развојот на планските региони, рече министерот Фазлиу.

Министерот Фазлиу рече дека Министерството за локална самоуправа многу одговорно ќе пристапи кон евалуација на ефектите од досегашната имплементација на Законот за рамномерен регионален развој, пред да започне со подготовка на новите Стратешки и програмски документи.

-Сите податоци говорат дека досегашниот начин на водење на политиката за рамномерен развој на државата и надминување на огромните разлики во квалитетот на живеење на нашите граѓани, не дадоа  видлив резултат. Една од причините е и начинот на распределба на законските еден насто од бруто производ за оваа намена. Наместо еден насто, само 0,04 насто од БДП се распределуваа според степенот на развиеност. Најавувам отворен, инклузивен процес во креирањето на следните развојни приоритети и цели. Користам прилика еве и сега да ве поканам сите, експерти, граѓански организации, бизнис заедницата. Секако, во прв ред, општините, Центрите за развој на планските региони и нашите партнери ЗЕЛС. Исто така во тесна со работка со сите надлежни министерства и институции, затоа што рамномерниот регионален развој бара кохерентен и координиран пристап. Во имплементацијата ќе инсистираме на транспарентно и отчетно трошење на јавните пари и реализација на проекти кои што ќе произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, рече на Конференцијата министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.