Вчера во Софија министерот за локална самоуправа Горан Милевски заедно со министерката за регионален развој и урбанизам на Бугарија Петја Аврамова ги доделија договорите за финансирање на 17 нови проекти од Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија. Вкупната вредност на проектите е 7 милиони евра од кои 85 насто се обезбедени од ИПА инструментот на Европската Унија а 15 насто од Буџетот на државата преку Министерството за локална самоуправа.

Проектите се имплементираат во 3 области. Три проекти во областа на конкурентноста, осум за развој на туризмот, а шест проекти за заштита на животната средина. Проектите ќе се имплементиираат со партнери од двете страни на границата, а нивната вредност се движи од 120 илјади до 590 илјади евра по проект.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски им честита на носителите на проекти и им посака успешна имплементација.

- Соработката во регионот, градењето на добрососедски односи, зближување на луѓето и нивно вмрежување, како и подобрување на квалитетот на живеење во пограничниот регион се огромни придобивки, уште повеќе што во целиот процес се вклучени на голем број на субјекти и луѓе од двете страни на границата. Владата на Република Северна Македонија останува посветена на процесот на интегрирање на земјата во Европската Унија, а тоа значи градење на европски вредности и стандарди и во тој контекст ни е исклучително важна прекуграничната соработка со сите наши соседи, рече министерот Милевски.

-Денешниот настан е од исклучителна важност за постигнување на крајната цел на програмата. На прво место затоа што средствата се доделуваат на најквалитетните проекти во интерес на граѓаните од регионот.
Исто така затоа што секој реализиран проект придонесува за постигнување на планираните резултати, рече министерката Аврамова.

На церемонијата присуствуваа носителите на проекти од двете земји, меѓу кои Центарот за развој на Источниот плански регион - Штип, Фондацијата за конкурентност за развој на мали и средни претпријатија од Струмица,

Асоцијацијата за туризам од Струмица, општина Струмица, општина Дојран, општина Куманово и општина Конче.

Пред почетокот на церемонијата министрите Милевски и Аврамова остварија одвоена средба на која што се разговараше за подобрување на ефикасноста и транспарентноста во имплементацијата на проектите за прекугранична соработка. Беше нагласена заложбата за задржување на трендот од првиот програмски период за реализација на Програмата за прекугранична соработка од скоро сто насто.

Пред почетокот на церемонијата министрите Милевски и Аврамова остварија одвоена средба на која што договорија датум за потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија и Министерството за регионален развој и урбанизам на Република Бугарија за размена на искуства и добри пракси во областите на прекуграничната соработка, регионалниот развој и локалната самоуправа.