Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на работен состанок во Брисел: Сега кога се отстранети политичките и техничките пречки, очекуваме и наше формално приклучување на макро-регионалните стратегии на кои географски и економски припаѓаме,  Јадранско-Јонската и Дунавската. Она што може веднаш да се направи е да се операционализира министерската одлука од мајскиот состанок во Катанија, за наше формално пристапување како девета членка на Јадранско-Јонскиот макро регион.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска во Брисел говореше на отворањето на објаснувачкиот состанок на чија агенда е поглавјето 22 кое што се однесува на регионалната политика на Европската Унија.

На состанокот со кој претседава директорот на директоратот за  проширување и соседска политика, Марк Џорна, министерот  Сухејл  Фазлиу ја истакана важноста на процесот во кој државните службеници кои што работат на имплементирање на регионалната политика имаат можност директно да споделат информации и знања за поефикасно спроведување на  регулативата на Европската Унија.

-Ова е исклучително важно за нас, затоа што со големиот политички исчекор што го направи нашата земја, формално заокружен со уставните измени во Парламентот пред само две недели, како и со формалната потврда за влегување во НАТО што ја очекуваме утре овде во Брисел, станува извесно, дека нашата евроатланска агенда станува и многу подинамична, но и многу посуштинска, рече министерот Фазлиу. 

Министерот за локална самоуправа говореше за спроведувањето на регионалната политика на Европската Унија преку ИПА инструментот за територијална соработка, за што е одговорно Министерството за локална самоуправа, како и за создавањето на услови за отворање на нови перспективи за соработка.

-Сега кога се отстранети политичките и техничките пречки, очекуваме и наше формално приклучување на макро-регионалните стратегии на кои географски и економски припаѓаме,  Јадранско-Јонската и Дунавската. Она што може веднаш да се направи е да се операционализира министерската одлука од мајскиот состанок во Катанија, за наше формално пристапување како девета членка на Јадранско-Јонскиот макро регион, рече Фазлиу.

Министерот за локална самоуправа  говореше и за националната политика за рамномерен регионален развој од аспект на правната и институционална рамка и изворите на финансирање.

- Ја користам оваа прилика да истакнам дека Министерството за локална самоуправа очекува политиката за рамномерен регионален развој да добие пристап и до финансискиот инструмент ИПА  во процесот на пристапување на нашата држава во Европската Унија, со цел да обезбедиме поширока поддршка за рамномерен  развој на целата територија на државата.

Министерот Фазлиу имаше состанок  и со директорот на одделението Д3 на Генералниот директорат за проширување и соседска политика, г. Дејвид Кулен.

На состанокот министерот Фазлиу ја истакна поддршката на Европската комисија која што се реализира преку Министерството за локална самоуправа со финансирање на Програмите за прекугранична и транснационална соработка, како и на други  проекти за зајакнување на системот на локалната самоуправа.   

Г. Кулен истакна дека директоратот внимателно ја следи имплементацијата на програмите за територијална соработка. Взаемна беше констатацијата дека е потребно да се работи на јакнење на капацитетите и на отстранување на воочените слабости во спроведувањето на финансиските процедури,  за што ќе се разговара и на следниот состанок во Скопје.         

За актуелните процеси министерот Фазлиу разговараше и со шефот на мисијата во Брисел, амбасадорката Агнеса Руси.