Во организација на Министерството за локална самоуправа и Центарот за развој на Полошкиот плански регион, со поддршка на швајцарската Влада, денеска се одржа Конференција за предизвиците на рамномерниот регионален развој, размена на искуства и добри пракси.

На Конференцијата учествуваа заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески, градоначалници од Полошкиот плански регион, претставници од Центарот за развој, како и домашни и експерти од Албанија и од Косово.

Заменикот министер Павлески зборуваше за приоритетите на Министерството за локална самоуправа во функција на подобрување на законската рамка и подготовка на нов стратешки документ за наредните десет години.

- Политиката на рамномерен регионален развој во земјата се имплементира од 2009 година, кога беше подготвена првата Стратегија за регионален развој, две години по донесувањето на Законот.                 Сепак во изминатитата деценија не е забележан голем напредок во смисла на намалување на развојните разлики меѓу главниот град, Скопје и другите делови од државата. Напротив, разликите се продлабочени и меѓу планските региони и меѓу општините, особено меѓу урбаните и руралните општини, рече Павлески.

Павлески информираше дека со финансиска поддршка од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа, во моментов во осумте плански региони се реализираат 43 проекти, а на вчерашната седница, Владата ја усвоила Одлуката за финансирање на нови 74 проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби.

- Во мандатот на оваа Влада, средствата за поттикнување рамномерен регионален развој се зголемуваат секоја година. Во 2019 година тие се двојно зголемени во однос на буџетската 2017 и изнесуваат 423 милиони денари или 7 милиони евра.