Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу учествува на Форумот на градови и на региони “Инвестирање во Западен Балкан –Инвестирање во Европа, што се одржува во Жешов, Полска.

Форумот има за цел да им помогне на земјите од Западен Балкан во процесот на интегрирање во Европската Унија и во економската трансформација.

Министерот Фазлиу во своето обраќање изрази благодарност за подршката на полската Влада во процесот на интегрирање на Северна Македонија во Европската Унија. Фазлиу го истакна како посебно важен моментот на препознавање на се поголемото значење на градовите и регионите како главни двигатели на развојот и носители на промените преку воведување на нови иновативни методи во управувањето.

-Ја поздравувам иницијативата на агендата на Берлинскиот процес да се акцентира и улогата на локалните и регионалните власти, како и значењето на територијалната соработка. Ова претставува голем чекор за доближување на Берлинскиот процес до реалните потреби на граѓаните на локално и на регионално ниво, рече министерот Фазлиу.

Министерот Фазлиу на Форумот оствари одвоена средба и со полскиот министер за инвестиции и економски развој Јержи Квичински.

Една од темите за која што се разговараше е и улогата на макро-регионалните стратегии и другите механизми за меѓурегионална соработка на земјите од регионот, како да се изградат инструменти и програми за транснационална соработка во рамките на Европската Унија, за да се подобри процесот на трансфер на знаење и политики од Европската Унија на земјите и регионите од Западен Балкан и како да се поттикнат партнерите од Западен Балканактивно да учествуваат во спроведувањето на макро-регионалните стратегии на Европската Унија, заради нивно приближување кон заедничките цели.