Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу го посети Технолошкиот парк кој функционира во рамките на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Министерот претходно се сретна со ректорот на УЈИЕ, г. Абдулменаф Беџети о кого беа разменети информации за продлабочување на меѓусебната соработка со цел да се ставаат во функција научните знаења и можностите на академскиот кадар во интерес на економскиот развој, подобрување на институционалните капацитети на национално и локално ниво.

Министерот Сухејл Фазлиу го запозна ректорот Беџети со активностите и проектите кои се финансирани од ИПА фондовите на Европската Унија особено за прекуграничната соработка со Албанија и Косово, каде што всушност, можат да аплицираат субјекти од Полошкиот регион . Можностите се големи, рече министерот Фазлиу, така што комуникацијата и зајакнувањето на соработката со Универзитетот на ЈИЕ и со другите универзитети, оди во полза пре се на образовните институции, студентите и граѓаните на целиот регион. Очекуваме интересни иницијативи од страна на академскиот кадар, како и од самите студенти со што ќе се охрабрат апликантите да конкурираат со квалитетни проекти во идните јавни повици за прекугранична соработка, од кои еден повик ќе биде веднаш по новата календарска година.

Ректорот на Универзитетот, Абдулменаф Беџети ја поздрави иницијативата која доаѓа од национално ниво, нагласувајќи дека Универзитетот е спремен и има потреба да се вклучи во овие проекти, особено за иницијативи кои ќе имаат влијание на локално ниво. Ректорот Беџети ја нагласи потребата за јакнење на институционалните капацитети со посебен акцент за конкретни и специфични обуки во одредени области. Затоа, соработката е од корист ако научните знаења се спроведат во пракса, истакна меѓу другото ректорот Абдулменаф Беџети.

Во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа, минитерот Фазлиу го посети Технолошкиот парк, каде од менаџерите на SEEUTechPark беше запознат со петгодишната историја на Паркот, тековните активности, целта и неговата визија. Проект- менаџерот Висар Демири, преку слики и непосредна презентација го информираше министерот Фазлиу за досегашните активности, нагласувајќи ја идејата за зајакнување на врските помеѓу академските институции, индустријата и бизнис-секторот за преточување на истите во акција, знаење и експертиза, за развој на компаниите базирани на академско знаење.