Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска ги потпиша договорите за кофинансирање на осум проекти од Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Косово.

На настанот, присуствуваа носителите и партнерите на проектите, претставници од  надлежното Министерството на Косово како и претставник од делегацијата на Европската Унија.

-Со цел да ги помогнеме домашните апликанти и да ги поттикнеме да подготвуваат проекти, Министерството за локална самоуправа ги покрива трошоците за национално кофинансирање, во вредност од 15 насто од вкупниот износ. Проектите ќе овозмозможат поголема соработка и социјална кохезија меѓу граѓански организации од двете земји, поттикнување на развојот на локалниот туризам, мапирање на туристичките потенцијали и искористување на природните ресурси, заштита на културното наследство во регионот. Нашата перспектива е во отворањето на нови можности за соработка и максимално користење на предпристапните фондови на Европската Унија, особено на програмата за прекугранична соработка која што им е достапна и на општините, на граѓанските организации и други непрофитни субјекти како што се училишта, универзитети, институти, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Вкупната вредност на проектите за Република Македонија и за Република Косово во рамките на овој повик е 1,5 милиони евра.

До 2020 година за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Косово, од страна на Европската Унија се одобрени вкупно 8,4 милиони евра.