Заменикот министер за локална самоуправа, Дејан Павлески на Конференција на тема “Нови предизвици, нови перспективи на локалната демократија“: “Развојот на локалната демократија е најважната одредница за градење на демократско општество, во кое граѓаните ќе се чувствуваат повикани активно да делуваат и да придонесат за развојот на заедницата, во соработка со локалните власти“

                                                                

Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески заедно со амбасадорот на Франција, НЕ Кристијан Тимоние и претставници од Делегацијата на Европската Унија и на Европското движење во Република Македонија говореше на Конференцијата “Нови предизвици, нови перспективи на локалната демократија“, организирана од Европската асоцијација за локална демократија-АЛДА.

Павлески истакна дека Министерството за локална самоуправа во соработка со меѓународната донаторска заедница веќе работи на зајакнување на капацитетите на општините за институционализирање на соработката со граѓанскиот сектор:

-Оваа Влада е цврсто решена да се посвети на суштинска трансформација на општеството во правец на негова демократизација, а најдобар начин за тоа е да се започне од локалното ниво. Локалните заедници се најприродната средина за интеграција и реализација на секој граѓанин, затоа развојот на локалната демократија е најважната одредница за градење на демократско општество, во кое граѓаните ќе се чувствуваат повикани активно да делуваат и да придонесат за развојот на заедницата, рече Павлески. Тој нагласи дека локалната демократија е услов и за хармонизирање на меѓуетничките односи, за остварување на принципот на родова еднаквост, на овозможување на полесен пристап до услугите на лицата со попреченост и на други маргинализирани групи и воопшто за еднаков пристап до услугите за сите граѓани.

Владата, рече Павлески, го реафирмира процесот на децентрализација со мерки кои што ќе значат создавање услови за поголема финансиска самостојност и стабилност на општините, преиспитување на можностите за трансфер на нови надлежности, враќање на улогата на месната самоуправа, која има огромен, но за жал потценет и неискористен потенцијал, консолидирање на огромните наследени долгови кои претставуваат сериозна закана во вршењето на функциите, како и за подобрување на нивото и квалитетот на услугите.

-Потребно е да се вратиме на суштинските вредности на локалната самоуправа и на децентрализацијата на власта. За тоа е неопходно, пред се да се создадат услови за враќање на функционалноста на општините. Во моментов дваесетина се со блокирани сметки, а новите локални власти својот мандат го започнуваат со големи наследени долгови од околу 250 милиони евра. Ад хок решенија не решаваат проблеми, туку само ги продлабочуваат. Затоа и во соработката меѓу власта и гаѓаните е потребен системски приод, создавање на институционални механизми кои што ќе гарантираат транспарентност, отчетност, предвидливост, информираност и вклученост на начин на кој што заедно ќе се договорат локалните власти и граѓанскиот сектор, рече Павлески.