Со конституирањето на Управниот комитет на проектот Унапредување на општинските услуги и практично започна неговата имплементација која ќе трае 30 месеци. Проектот во вредност од 2,3 милиони евра е финансиран од Европската Унија, носител на проектот е Министерството за локална самоуправа во соработка со Министерството за финансии, а ќе го имплементира УНДП.                                

Заменикот министер за локална самоуправа, Дејан Павлески ја истакна важноста на овој проект за консолидирање на системот на локална самоуправа и обезбедување на услови за подобро функционирање на општините. Тој истакна дека Министерството за локална самоуправа работи на реализација на Програмата на Владата што се однесува на локалната самоуправа, а овој проект треба да помогне да се воспостави систем за следење на функционалноста на општините, како и да се подобри системо та финансирање.

Во рамките на проектот ќе се работи и на подобрување на капацитетите на општините за прибирање на локалните даноци, како и за транспарентно управување со јавните финансии. Проектот ќе понуди и насоки за оддржливо финансирање на општините, врз основа на компаративна анализа на земји членки на Европската Унија.

Ќе бидат финансирани проекти во 30 општини, во редност од по 26 000 евра за општина, како и проекти за Мрежите за инклузивен развој, во поединечна вредност од 30 000 евра. Исто така во рамките на проектот 30 општини ќе бидат поддржани во изработката на планови за локален инклузивен развој.

Проектот има три компоненти-мониоторинг на испораката на веќе пренесените надлежности и услуги, поддршка на општините во остварување на нови надлежности, како и подобрување на начинот на финансирање на општините и зајакнување на капацитетите за управување со јавните финансии.